Македонската селекција предводена од Игор Ангеловски имаше уште една маестрална партија, овој пат ја урнавме големата Германија и покажавме моќ. Триумф кој силно одекна во светот.
„Ова е историја! Никогаш досега Македонија не успеала да победи една така трофејна селекција. Овие момците уште еднаш ја направија Македонија горда. Го победивме четирикратниот светски и трикратниот европски шампион. Радувај се Македонијо, слави ги овие херои. Пресреќен сум што работам со овие момци, честитки за нив“, вели Ангеловски.
Тој уште еднаш индиректно го прозва претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини кој сакаше да го смени пред дуелите со Грузија и Косово и одолговлекуваше со новиот договор.
„Поздрав до сите што ме омаловажуваа, еве им шанса и тие сега да се радуваат. Прифаќам критики за мојата работа, бидејќи извршувам јавна работа, но не прифаќам омаловажувања и опструкции кои сега сите добро знаете дека се случуваа. Знаете на кого се однесува ова. Се надевам дека сега ќе се свестат и ќе знаат да го ценат овој успех. Ова е победа за целиот македонски народ. Кога Јоаким Лев ќе дојде и ќе ви честита и кога пред мечот ќе ви даде признаение дека добро сте работеле пет години, мислам дека се е кажано“.