Македонија во четврток со почеток од 20:45 часот игра против Косово во полуфиналето од Лигата на нации, меч кој со победа ќе не однесе на чекор до пласман на Европското првенство.
Елиф Елмас поради тоа што е позитивен на ковид-19 ќе го пропушти големиот меч, но Горан Пандев успеа да дојде и покрај големиот број на случаи во Џенова со коронавирус.
„Од списокот кој го објавив сите фудбалери се здрави и сите се ставаат во функција на репрезентацијата, тоа е нешто што ме радува. За жал нема да го имаме Елиф Елмас, но оние што се тука се доволно квалитетни и кадарни да го надополнат неговото отсуство. И во минатото кога имавме безброј отсуства, кажав дека тимот е тој што треба да го надополни секое отсуство, па и овој пат не се сомневам во тоа без разлика колку ќе ни недостасува ќе го гледаме тоа како еден мотив плус да победиме и за него и да ни се придружи во финалето во ноември“, вели селекторот Ангеловски.
„Ова е натпревар кој може многу да ни донесе, натпревар кој може да не привижи поблиску до Европското првенство, затоа што знаеме нели дека ова е полуфинале, победникот оди во финалето, се надевам дека тоа ќе биде репрезентацијата на Македонија. Историски Македонија можеби 30 години чека да дојде до бараж, еве ние сме во таа ситуација“.
„Максимално сум фокусиран само на репрезентацијата на Македонија, да се подготвиме добро и да го одиграме овој натпревар во наше најдобро издание, во што не се сомневам. Без разлика што се случува во противничкиот табор, ќе истрчаат 11 на 11 фудбалери кои ќе сакаат да донесат победа на својата земја. Јас сум убеден дека нашите фудбалери ќе ја донесат таа толку очекувана победа со која ќе ја израдуваат нацијата“.
„Доаѓањето на Пандев во состојбата во која е неговиот клуб, покажува само колку му значи овој натпревар. Знам што се разговаравме во изминатите четири години и колкава е неговата желба за Македонија да игра на Европско првенство, ова е доказ што не постои бариера која ќе го спречи да дојде на овој натпревар, им благодарам на сите кои асистираа тој да биде тука, знаеме колку е значајно неговото присуство за Македонија“.