По поразот од Романија и победата над Лихтенштајн, Македонија утре го игра третиот меч од квалификациите, гостуваме кај првиот фаворит во групата, силната селекција на Германија.
„Германија не само што е фаворит против нас, туку тие се фаворити и за европски и светски титули. Утре нѐ чека меч кој ќе го играме за чест и задоволство, ова е меч кој треба да нѐ мотивира до максимум како што бевме мотивирани и одигравме добро против Италија и Шпанија. Германија импресионира со квалитетот и физичката подготвеност, но Македонија е подготвена да одговори на високо ниво, без оглед на тоа што ова е трет меч за седум дена“, вели Ангеловски.
„Многумина велат дека нема што да загубиме на овој меч, но јас велам дека ова е меч од кој можеме многу да добиеме. Против еден ваков противник ќе видиме до каде можеме да се носиме“.
Натпреварот меѓу Германија и Македонија се игра утре (среда) со почеток од 20:45 часот.
Фото: ФФМ – Игор Паневски