Реал Мадрид брзо наиде на проблеми во ерата без Кристијано Роналдо, „Кралевите“ сврзаа четири меча без да постигнат гол, црна серија која им се нема случено три децении.
Па медиумите одново почнаа да пишуваат дека Флорентино Перез ќе го одврзе ќесето и ќе донесе големи засилувања. Нејмар, Мбапе, Азар и Кејн се имињата кои најчесто се споменуваат.
Фабио Капело пак има друга идеја, поранешниот тренер на „Кралевите“ смета дека треба да биде донесен Мауро Икарди.
„Јас сум голем фан на Икарди. Доколку одлучував во Реал Мадрид, ќе го купев веднаш. Тој е специјалист во шеснаесетникот, исто како Кристијано Роналдо во подоцнежниот дел од кариерата на Бернабеу. Мауро е играч кој може да го помириса голот. Знае како да се движи во казнетиот простор како ретко кој друг. Доколку му упатите три топки, ќе ги удри сите три“ – вели популарниот Дон Фабио за Радио Раи.
Мауро Икарди во својот договор има откупна клаузула од 110 милиони евра која е активна само неколку недели во летниот преоден рок. Интер се обидува да го продолжи договорот на Аргентинецот и да ја зголеми откупната клаузула со оглед на тоа дека 110 милиони евра во денешно време и не е така многу.