Ајакс го победи Реал во Мадрид, Јувентус во Торино, а вечерва беше подобар од Тотнем во Лондон. Холандскиот тим одигра уште еден меч без почит кон противникот, со дрзок приод, со исклучителна самодоверба и повторно направи голем резултат.
Ајакс тргна офанзивно уште од првиот свиреж на судијата, се играше на половината на Тотнем како англискиот тим да е гостин, таквата игра на Холанѓаните во 15. минута вроди со плод, Зијеч го проигра Ван де Бек кој излезе сам пред Лорис и ја смести топката во неговата мрежа.
По водството Ајакс не ја промени играта, продолжи да игра со висок пресинг, а Тотнем не знаеше како да одговори на тоа, фудбалерите на Покетино имаа само јалови обиди кои изгледаа неопасно.
Во првиот дел Тотнем го загуби и Вертонген кој поради повреда на главата пред време го заврши мечот, Сисоко влезе на негово место.
Во второто полувреме англискиот тим заигра нешто подобро, со сите сили се обидуваше да дојде до израмнување, но повторно не создаваше добри шанси за гол. Ајакс беше поблиску до втор погодок откако Нерес во 78. минута ја погоди стативата од голот на Лорис.
На крајот Ајакс сосема заслужено се радуваше на уште една голема гостинска победа во Лигата на шампионите, на Тотнем ќе му биде тешко во реваншот да ја надополни негативата, повеќе поради игрите кои ги покажуваат Холанѓаните отколку поради резултатот.
Утре се игра вториот полуфинален меч во кој Барселона го пречекува Ливерпул.