Хозе Луис Родригез е еден од најдобрите фудбалски агенти во Централна Америка, тој во составот на Хондурас У20, имал четворица фудбалери па во живо го следел дуелот со Норвешка на Светското првенство кој се одиграл на 30 мај 2019 година.
Таа дата е запишана во историјата, бидејќи Норвешка ја забележа највисоката победа на Светските првенства до 20 години откако го совлада Хондурас со 12-0. Халанд имаше и личен рекорд, даде дури девет голови, претходно на никој не му успеало такво нешто.
За разлика од Норвешка, во Хондурас оваа дата во историјата е запишана како црна дата. А Родригез објаснува колку бил тежок поразот.
„Таа рана сè уште е отворена. Тоа беше кошмар. Фудбалерите се срамат и не сакаат да зборуваат за тоа. Мислам дека ќе им бидат потребни многу години за да го преболат тој пораз“, вели Родригез.
„Пред тој ден не знаевме ништо за Халанд. Ни дојде комплетно неочекувано. На Светско првенство очекувате изедначени мечеви, но Норвешка почна да нè уништува од првата секунда. Не лажам. Како фудбалски фан беше апсолутно добро да се гледа“.
„Но за фудбалерите тоа беше чиста болка, беше ужасно, долго плачеа по поразот. Беа лути. Дома во Хондуарс сите зборуваа лошо за нив. Неверојатен беше притисокот, критиките. Многу од нив велеа дека тоа им е најлошото искуство во животот“.
„Резултатот поттикна револуција во Хондурас. Лудило беше дома. Новинарите бараа глави, сакаа оставка од претседателот на федерацијата, селекторот, тренерите. Во нашата земја фудбалот е една од најважните работи и секој има мислење за тоа“.
„Поминаа две години, но се уште се коментира за тоа. Пример Весли Декас, играчот кој беше одговорен да го чува Халанд рече: Секогаш кога Халанд ќе даде гол во Лигата на шампионите или Бундеслигата, ме потсетува на моето најлошо искуство на теренот. Уште боли“.
Денот по тешкиот пораз, Родригез се сретнал со Халанд на аеродром, се сликал и поразговарал со него.
„Моите фудбалери беа уништени, но јас сум фудбалски фан, па ми беше чест да се сликам со него. Тоа беше почеток на неговата приказна“.
„Му реков „ги уништи моите момци“. Тој ми врати „Бев нервозен бидејќи можев да постигнам 11 голови, а не го сторив тоа“. Тој е машина“.