Нема луксузен ресторан: Манчестер јунајтед ако ја освои Лигата на Европа ќе слави со скара!

by Стефан
1 минути читање

Манчестер јунајтед изгледа влегува во нова ера на штедење, што сѐ повеќе се чувствува и во секојдневието на играчите и вработените.

Британските медиуми објавија дека раководството на клубот донело одлука секој фудбалер да добие само две бесплатни влезници за финалето во Лигата на Европа, каде „црвените ѓаволи“ ќе се соочат со Тотнем на 21 мај во Билбао, на стадионот „Сан Мамеш“.

Фудбналерите, покрај двете бесплатни влезници, ќе имаат можност да купат најмногу уште десет билети, а дополнителен удар за вработените е тоа што тие воопшто нема да добијат бесплатни влезници. Клубот ја правда оваа одлука со објаснување дека сака да стави на располагање што е можно повеќе карти за „обичните“ навивачи.

Но, штедењето не завршува тука. Доколку клубот ја освои титулата, наместо традиционална прослава во луксузен ресторан, ќе се организира обичен роштиљ во тренинг-центарот „Карингтон“.

Ова се само дел од низата мерки што ги спроведе новиот најголем поединечен акционер на клубот, британскиот милијардер Џим Ретклиф. Од неговото доаѓање на „Олд Трафорд“, веќе се отпуштени 250 вработени, некои категории на влезници се поскапени, а бесплатниот ручек за вработените беше укинат.

Последниот европски трофеј Манчестер јунајтед го освои во 2017 година под водство на Жозе Мурињо, кога во финалето на Лига Европа го совлада Ајакс со 2-0 во Стокхолм. Последната парада низ улиците на Манчестер се случи далечната 2013 година по последната шампионска титула во ерата на легендарниот сер Алекс Фергусон.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×