Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас игра во одлична форма по пристигнувањето во Торино од редовите на Лајпциг и веќе постигна четири погодоци.
Елмас во редовите на „биковите“ пристигна во зимскиот преоден рок како позајмен фудбалер, меѓутоа по одличните настапи се очекува клубот да се обиде да го задржи.
Во договорот помеѓу Торино и Лајпциг има откупна клазула во износ од 17 милиони евра и италијанските медиуми веќе шпекулираа дека тоа е премногу за Торино. Сепак, првиот човек на Торино, Урбано Каиро истакна дека сега воопшто не се размислувало и не се воделе преговори за Елмас, тоа ќе се случува по крајот на сезоната.
„Елмас? Видовте каков гол постигна против Верона, ремек-дело. Навистина сме среќни што имаме таков фудбалер и ќе се обидеме да го задржиме. Но, сега ниту сме размислувале, ниту сме преговарале и тоа тема која ќе се решава по крајот на сезоната“, изјави Каиро.
Елмас во Лајпциг речиси и да не добиваше прилика за игра и Германија ја напушти без гол во Бундеслигата, па сега со настапите во Торино веројатно ќе го привлече интересот и на други клубови.