Максим Максимов е
новиот напаѓач на македонскиот првак Вардар, а 21 годишниот Русин потпиша
тригодишен договор со „црвено-црните“. Во изјава за официјалниот клупски сајт
на Вардар тој изрази импресии за клубот каде доаѓа, а најави дека неговиот нов
клуб може и да се надева дека ќе ја мине групната фаза од Лига Европа.
Екипата на Тракаи
од Литванија беше едно од најпријатните изненадувања во квалификациите за пласман
во групната фаза од Лига Европа, Тракаи стигна до третото коло а беше
елиминиран од македонскиот вицепрвак Шкендија.
За новајлијата во Вардар пишувавме во анализата претставувајќи го Тракаи како нов противник на Шкендија во квалификациите за Лига Европа, познато беше дека двоецот на
литванскиот тим, Максимов-Дорлеј функционира беспрекорно добро, па прашање беше
на време кој од нив двајца ќе добие поголем клуб ова лето по блескавите партии
во квалификациите.
Шкендија најпрво
загуби на гостувањето во Вилнус со 2-1, а потоа на домашен терен славеше со
убедливи 3-0. Двата гола во Литванија ги постигна токму 21 годишниот Русин.
Статистика од квалификациите во Лига Европа:
5 натпревари, 7
погодоци!
– 2 против Ст.
Џонсон (Шкотска)
– 3 против
Норчепинг (Шведска)
– 2 против Шкендија
(Македонија)
За техничките предиспозиции на Максимов, нема потреба многу да се говори, одлично функционира во секој сегмент од играта, има брзина, техника, а воедно и одлична завршница, статистиката е најдобар показател за тоа.
Она што е
интересно, Максимов функционираше фантастично во офанзивниот ред на својот екс
клуб заедно со Либериецот Дорлеј, токму тие двајца беа „алфа и омега“ во својот
тим кој моментално со 44 бода заостанува 7 бода зад лидерот во Литванија,
Жалгирис.
На 22 натпревари
во литванскиот шампионат, Максимов застана на 9 погодоци, по што се пресели во
редовите на македонскиот првак Вардар.
Нашиот шампион
воопшто немаше да погреши да ги донесе и двајцата предводници од Тракаи во
своите редови, Дорлеј има само 19 години и му се предвидува блескава кариера.
Максимов е инаку
прв стрелец во Лига Европа за оваа сезона, барем засега, со 7 погодоци од
вкупно 6 одиграни натпревари, по него следат Боаки од Црвена Звезда, а
водечката тројка ја комплетира Валери Герман од Олимпик Марсеј.
Новиот бомбардер
на Вардар има и повеќе од скромна вредност на трансфер пазарот,
најверодостојниот извор за овие информации (трансфермаркет) вели дека тој вреди
неверојатно скромни 200.000 евра. Финансиските детали од договорот помеѓу
Тракаи и Вардар, барем засега не се познати.
Што се однесува
пак до основните детали за Максимов, тој е роден во 1995. година во Воронеж,
Русија. Првите фудбалски чекори ги почнува во фудбалската школа на својот роден
град, а потоа преку рускиот тим Факел се сели во Литванија, поточно во редовите на Атлантас, за
потоа да се пресели во Тракаи, каде имаше одличен развој.
Фото-вест: fkvardar.mk