„Росонерите“ се поврзуваат со ангажман на Маркус Рашфорд од Манчестер јунајтед и Кајл Вокер од Манчестер Сити, но клубот од Сан Сиро не може да ги ангажира и двајцата овој месец.
Милан разгледува неколку опции за засилување на тимот во зимскиот преоден рок и Манчестер се посочува како дестинацијата за шопинг.
Изминатиов период често се пишуваше за позајмица на Маркус Рашфорд од Јунајтед, а викендов „росонерите“ беа посочени и како главен фаворит за потписот на Кајл Вокер, кој изразил желба да го напушти Сити.
Сепак, клубот од Сан Сиро не може да ги ангажира и двајцата овој месец. Имено, Англија не е дел од ЕУ, па Серија А има посебни правила за фудбалерите кои доаѓаат од „островото“ (како и за фудбалерите од Швајцарија и Албанија).
Правилата налагаат дека во јануари може да се регистрира само еден нов фудбалер од Англија, па дури и Златан Ибрахимовиќ да успее да ги убеди Маркус Рашфорд и Кајл Вокер да се преселат во Милано, „росонерите“ ќе можат да регистрираат само еден.