Фудбалерите на Вардар имаат нова голема шанса да испишат историја во македонскиот фудбал. Таа во Данска ја испуштија, сега на ред е мисијата во Истанбул против силниот Фенербахче.
Вардар победи со 2-0 на натпреварот во Скопје, но Фенербахче покажа дека е поквалитетен противник од ФК Копенхаген и покрај кризата во која се наоѓа.
Турскиот тим ќе сака токму од дуелот со Вардар да почне победничка серија. Стадионот е распродаден, Вардар ќе има пеколна атмосфера на „Шукру Сарачоглу“.
Проблем за македонскиот тим ќе биде и неиграњето на капитенот Бобан Грнчаров кој е вистински лидер и мотиватор на теренот, на негово место би требало да настапи Дарко Велковски кој имаше одличен настап за Македонија на Европското првенство во Полска.
Искуството на новиот тренер Чеде Јаневски ќе биде еден од адутитите на Вардар на денешниот голем меч.
„Резултатот не ни дава гаранција дека ќе одиме во групната фаза, ни дава една посебна енергија и сигурност за да одиграме организирано, тимски и само со таа идеја можеме да ја постигнеме нашата цел. Натпреварот ќе го почнеме како да немаме никаква предност бидејќи јасно ни е за квалитетите на овој тим, кој е составен од поединци кои сами можат да го решат мечот. Тие ќе имаат голема поддршка од публиката, но ние треба да гледаме само како ние ќе одиграме“, вели Чеде Јаневски.
Вардар ќе влезе со убава предност, но мисијата за пласман во групната фаза од Лига Европа е се уште многу тешка. Вардаровите момчиња ако го поминат Фенербахче вечно ќе бидат запишани во клупската историја, но тој притисок треба да го тргнат од грбот и растеретени, но комплетно фокусирани да одиграат уште еден голем меч.
Натпреварот помеѓу Фенербахче и Вардар почнува од 19:30 часот со директен пренос на ТВ Нова.