Милан ослободи простор во офанзивниот дел од тимот, откако го договори трансферот на Ноа Окафор во редовите на РБ Лајпциг.
Германскиот бундеслигаш го доведе Швајцарецот на позајмица со право на откуп. Ако Окафор се покаже во Лајпциг, клубот има право да го откупи за 25 милиони евра, плус уште три низ бонуси. Тој се очекува на лекарски прегледи и потпис во тимот каде што настапува Ељиф Елмас уште викендов.
Се очекува од клубот да замине и Лука Јовиќ кој не се најде во плановите на двајцата португалски тренери кои го водеа Милан сезонава.
Инаку, сега „росонерите“ ќе тргнат по ново име за нападот. Прва и „ефтина“ опција бидејќи би се работело за позајмица е Маркус Рашфорд. Англискиот крилен напаѓач е отворен за трансфер во Италија, меѓутоа проблем претставува платата која е висока. Манчестер Јунајтед би морал да прифати да плаќа половина од сумата, а останува да видиме дали овој трансфер ќе се реализира.
Друга опција и поголема желба на Серџо Консеисао е Франциско Тринкао. Асот на Порто е проценет на 27 милиони евра, па тоа е отежнителна околност.