Шкендија нема да излезе со бело знаме против големиот Милан

by
1 минути читање

Шкендија го игра најголемиот меч во својата историја, македонскиот вицешампион се среќава со италијанскиот гигант Милан во плејофот од Лига Европа.

Милан е апсолутен фаворит, особено сега кога во тимот има нова енергија со многу нови засилувања кои треба да ги вратат „росонерите“ на победничките патеки.

Шкендија е свесна против кој игра, но на „Сан Сиро“ нема да искочи со бело знаме. Сака да ги потврди добрите игри во Европа со уште една партија на високо ниво и да му пружи силен отпор на големиот противник.

„Големо задоволство ни е што ќе играме со голем тим каков што е Милан. Но не сме дојдени во Милано на прошетка, не планираме пред време да се предадеме, туку сакаме да се прикажеме во најдобро издание“ – вели тренерот на Шкендија, Ќатип Османи.

Шкендија има креативна офанзива која може да му зададе проблеми на Донарума. Тетовчани се покажаа ефикасни во изминатите европски натпревари, а еден од клучните играчи е Ферхан Хасани.

„Имаме одлична атмосфера во тимот, таа е како никогаш досега и тоа ни дава надеж дека ќе одиграме добро на Сан Сиро. Притисокот не е врз нас, а тоа е добра можност да се покажеме во најдобро светло. Ние нема што да загубиме, а можеме многу да добиеме“ – вели Ферхан Хасани.

Натпреварот помеѓу Милан и Шкендија вечерва се игра од 20:45. Реваншот во Скопје е веќе распродаден, па фудбалерите треба да се обидат да се вратат со резултат кој ќе ја направи атмосферата на „Телеком Арената“ уште пожешка.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани