Пеп Гвардиола не може да биде задоволен бидејќи ова беше осми пораз на Манчестер Сити во последните 11 натпревари. Астон Вила ја искористи ранливоста на шампионот и на својот „Вила Парк“ го победи со 2-1.
По натпреварот шпанскиот стратег ја анализира ситуацијата, грешките и ги посочи проблемите. Гвардиола најави дека не е загрижен и само прашање на време е кога Сити ќе се врати.
„Одигравме многу добро прво полувреме, а потоа паднавме и не бевме добри. Темпото на игра не ни одговараше, беше многу тешко. Честитки до Астон Вила за победата. Потребни ни се играчи во дефанзива, имаме само еден здрав стопер и тешко е во таква ситуација. Примаме голови какви што претходно не сме примале. Не реализираме ситуации кои во минатото ги реализиравме. Не се проблем само повредите, во фудбалот никогаш не одлучува еден фактор.
Астон Вила е екипа која игра одлично во Лигата на шампионите и Премиер лигата. Тешко е да се игра и победи на „Вила Парк“. Претходната сезона ја освоивме ПЛ, но дојдовме тука и загубивме. Мора да мислиме позитивно, јас имам неверојатна верба во тимот. Порано или подоцна, ќе се вратиме“, заклучи Пеп.
Полека, но сигурно Сити ја губи трката со водечките во Премиер лигата. Одбрана на титулата во овој момент делува невозможна.