Тренерот на Ливерпул, Арне Слот брутално го истрола Манчестер Сити и можноста „граѓаните“ да се преселат во понизок ранг поради прекршување на правилата за финансиски фер плеј.
Мохамед Салах во последно време е во фокусот поради коментарите кои ги дава за својата иднина и преговорите со Ливерпул за нов договор.
По победата над Манчестер Сити од 2-0 во неделата, Египјанецот изјави дека ова веројатно е неговиот последен натпревар против „граѓаните“ на Енфилд, алудирајќи на тоа дека нема да ја продолжи соработката и ќе го напушти клубот.
Па кога Арне Слот на денешната прес конференција беше запрашан што мисли за ваквата изјава, тренерот на Ливерпул брутално го истрола Манчестер Сити.
„Можеби Мо знае нешто повеќе за случајот во кој Манчестер Сити е обвинет дека 115 пати ги прекршил правилата за ФФП и очекува следната сезона тие да не играат во Премиерлигата!“ – рече Арне Слот.
Стратегот потоа додаде: „Очекувам Сити да биде во Премиерлигата, едноставно ми досади од овие исти прашања. Ова не е време ниту место на кое треба да разговараме за договорот на Мо, и веројатно веќе кажав многу со шегата која ја направив“.
„Знам дека ќе ме ставите на насловна страна, но ова е само една обична шега“.