Гачевски: Поразот боли, сите сакавме да испишеме историја

by
1 минути читање

Вардар синоќа пропушти златна шанса да направи историски успех и да обезбеди пласман во групна фаза од европско натпреварување. Шанса за тоа останува преку плејофот од Лига Европа, но утре ќе се знае која ќе биде пречката.

Голем број од критиките беа упатени на сметка на голманот Филип Гачевски, особено за третиот погодок кој го прими Вардар. Тој жали за поразот, но верува дека се уште имаат шанси да ги израдуваат фановите.

„Нормално дека сите сме разочарани од резултатот и од фактот дека испаднавме од Лигата на шампионите. Имавме добар резултат од првиот натпревар. Првиот гол го примивме многу рано уште во втората минута, но и после тоа успеавме да се вратиме и да израмниме, за брзо Копенхаген среќно да дојде до тој втор гол. Потоа добро се држевме, добивме и играч повеќе. Наместо сето тоа да го искористиме, примивме два гола“ – вели голманот Гачевски за официјалниот сајт на Вардар.

„Синоќа секој фудбалер на Вардар сакаше да испише историја на клубот. Тоа што се случи сигурно дека ќе не боли. Но, јас сум сигурен дека можеме да обезбедиме пласман во Лигата на Европа. Имаме уште два натпревари и мораме да излеземе со кренати глави. Ние сме професионалци, верувам во тимот и во стручниот штаб. Знам дека можеме да се подготвиме добро за натпреварите во Лигата на Европа“.

„На сите покажавме дека сме добра екипа. Копенхаген е тим кој што е редовен учесник во Лигата на шампионите, вреди многу повеќе од нас, а синоќа среќно дојде до победа и до пласманот понатаму. На цела Македонија и покажавме дека можеме да се носиме и со вакви противници“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани