Вардар славеше
минимална победа од 1-0 на првиот меч против дански Копенхаген во третото
квалификациско коло за пласман во групната фаза од Лигата на шампионите,
победата можеше да биде и поубедлива, но единствено Балотели успеа да го најде
патот до мрежата на гостинската екипа која не можеше да им парира на
мотивираните „вардарци“.
Во првото
полувреме нашиот шампион имаше доминација на теренот, ја контролираше играта во
сите сегменти, но не го најде патот до противничката мрежа, гостите трпеливо ја
чекаа својата шанса преку контра да го загрозат голот на Вардар, но не успеаа
во таа намера.
Првата шанса
сепак ја имаа фудбалерите на Копенхаген, но Грегос не успеа да погоди од
далечина уште во 3. минута, „црвено-црните“ првата посериозна шанса ја имаа
преку Николов во 29. минута, но неговиот удар од добра позиција беше блокиран.
Фелипе во
продолжението од првото полувреме доби одлична топка од Блажевски во казнениот
простор на гостите, но неговиот удар беше изблокиран, притоа Бразилецот не
успеа да бие опасно кон голот на Копенхаген.
Мрежите мируваа
по првите 45 минути игра, во второто полувреме „црвено-црните“ продолжија онаму
каде што застанаа во првиот дел.
Отворената и
офанзивна игра на избраниците на Седлоски значеше и повеќе опции за гостите од
контра напад да го загрозат голот на нашиот првак, Квист се закани со еден убав
удар од дистанца на самиот раб на шеснаесетникот на „црвено-црните“, но
неговиот удар заврши покрај голот во 52. минута.
Балотели за
момент ја крена домашната публика на нозе во 55. минута, изби сам пред
противничкиот голман, но реагираше еден од дефанзивците на гостите кои
навремено го блокираше ударот на Бразилецот.
Минута подоцна
истиот фудбалер биеше силно но само во противничкиот голман од дистанца.
Балотели во 65. Минута
со полу-волеј успешно погоди во мрежата од голот на Копенхаген, за водство на
Вардар од 1-0, воедно и ерупција на арената во Скопје.
Убава прилика за
дуплирање на водството на нашиот првак имаше Којашевиќ кој биеше покрај левата
статива во 70. минута.
Балотели
асистираше одлично до Којашевиќ кој пак од изгледна прилика близу противничкиот
гол во казнениот простор на гостите, не успеа да бие во мрежата за радост на
домашната публика, неговиот удар беше лесен плен за голманот на Копенхаген во
84. Минута.
Минута потоа
Бојлесен се закани кон голот на Вардар, но неуспешно. Веднаш пристигна и нова
опасност кон голот на нашиот првак, но Гачевски се истакна во оваа ситуација по
ударот со глава на Бојлесен.
Вардар: Гачевски, Хамбарѕумјан, Грнчаров,
Новак, Демири, Спировски, Николов (Глигоров
88’), Блажевски (Којашевиќ 60’), Фелипе, Барсегјан (Брдаровски 77’), Балотели (4-2-3-1).
Мечот во Скопје
го судеше германскиот арбитар Даниел Сиберт.
Фото: 24фудбал