Навивачката група на Вардар, Комити најави голема мобилизација за натпреварот против Тиквеш во среда на кој треба да биде искажан ставот против оние кои сметаат дека се поголеми од клубот.
Вардар сега е финансиски стабилен, но на многумина од навивачите не им се допаѓа тоа што се случува внатре во клубот, па Комити повикаа на масовна мобилизација и заеднички да се искаже ставот на навивачите.
Во среда од 14 часот Вардар го пречекува Тиквеш во меч од Купот на Македонија.
Соопштението на Комити ви го пренесуваме во целост:
„НАРОДЕН ФРОНТ – ЗА ВАРДАР!
Свесни за одговорноста и ситуацијата во која се наоѓа клубот, а водени исклучиво од најискрените идеали, го отвораме НАРОДНИОТ ФРОНТ – ЗА ВАРДАР!
Во среда[23.10.2024] на западната трибина ќе се обединат сите генерации, рамо до рамо ќе застанат сите екипи – секој член, сите оние кои размислуваат поинаку!
Не е важно дали си млад или стар, дали си навивач или симпатизер, во среда сме СИТЕ НА ЗАПАД-СИТЕ ЗАЕДНО!
Нашиот став да го искажеме заеднички, пред полна западна трибина, директно во очи на оние кои мислат дека се над клубот. Не се и никогаш нема да бидат. Вардар е клуб на народот, бил и ќе остане!
Во име на сите битки за клубот, во име на традицијата и емоцијата – БОРБА!
ФК Вардар – ГФК Тиквеш [23.10.2024]
ВАЖНА НАПОМЕНА: Информации за собир, како и за натпреварот против екипата на РК Порто, ќе бидат соопштени наскоро.
НАЈМАСОВНА МОБИЛИЗАЦИЈА ДОСЕГА!“, се вели во соопштението.