Борац Бања Лука како победник се враќа од тензичниот меч во квалификациите од Лигата на шампиони кој се играше во Албанија, херој за босанскиот тим беше нашиот голман, Дамјан Шишковски кој фати пенал во пенал серијата.
Борац Бања Лука со предност од 1-0 од првиот меч допатува во Албанија, но Егнатија со 2-1 го доби дуелот, во продолженијата немаше голови, па пеналите го одлучуваа победникот.
Албанскиот тим двапати промаши, еднаш ја погоди пречката, а еднаш одбрани македонскиот голман Шишковски. Интересно, одбраната на Шишковски беше двојна. Во првиот одбранет удар Македонецот не беше на линијата, па шутот беше повторен, но го фати и вториот удар на фудбалер Лушкја.
Во мечот имаше и инцидент откако во еден момент фудбалерите на Борац се повлекоа од теренот поради националистички скандирања на домашните навивачи. Прекинот траеше извесно време, по што мечот беше продолжен.
Борац Бања Лука во второто квалификациско коло од Лигата на шампионите ќе игра против ПАОК.