Фудбалското Европско првенство дојде во битката за медали, односно полуфиналната фаза, а неа ја отвора европски класик.
На „Алијанц Арената“ во Минхен ќе се судрат репрезентациитте на Шпанија и Франција. Ќе биде ова натпревар на меѓу младите и полетни Шпанци против поискусниот тим на Французите. Токму од оваа причина многумина беа резервирани давајќи им фаворитска улога на избраниците на Де ла Фуенте на Европското првенство, сметајќи дека неискуството може да биде пресудно. Досега не беше така, Шпанија беше најубедлива на патот до полуфиналето, играјќи офанзивно и отворено на секој натпревар. Младите Ламин Јамал и Нико Вилијамс ќе бидат на сериозен тест, бидејќи ќе удрат на најдобрата одбрана на турнирот.
Од друга страна, Франција воопшто нема стар ростер на играчи, меѓутоа делува доста поискусно од ривалот. Веројатно голема улога во изгледот на „триколорите“ игра селекторот Дидие Дешамп кој е „прекален“, во тимот има искусни ѕвезди како Канте, Гризман, а тука се и нешто помладите Рабио, Хернандез, Мењон. Сè на се, досега Французите на првенството покажаа како една селекција треба да игра компактно во одбраната. Иако имаат огромен напаѓачки потенцијал, делува дека голгетерите не се на иста бранова должина со дефанзивата која е перфектна. За тоа најдобро зборува фактот дека Франција нема примен гол од игра (само еден од пенал против Полска), но исто така и ниту еден нејзин фудбалер нема постигнато погодок од отворена игра. Досега тие се радуваа на голови од пенал и автоголови на ривалите…
Букмејкерите оставија минимална маргина меѓу двете страни, Шпанците веројатно поради прикажаната игра имаат мала предност, но тоа е незначително.
Натпреварот меѓу Шпанија и Франција се игра на „Алијанц Арената“ вечерва во 21:00.