Италијанските медиуми распукаа по Ентони Тејлор: Мурињо беше во право!

by 24 фудбал
2 минути читање

Англиските судии како да не можат да побегнат од контроверзии, а таква беше ситуацијата и во четвртфиналето на Европското првенство на мечот меѓу Шпанија и Германија.

Судијата Ентони Тејлор го навлече гневот на Германците бидејќи не досуди пенал по игра со рака на Марк Кукуреља. Потоа пристигна и објаснување зошто тој донел таква одлука. Интересно е што и пред модифицирањето на правилата, Тејлор донесе слична одлука во ланското финале на Лигата на Европа. Тогаш исто така во продолженијата, Лоик Баде од Севиља играше со рака, Рома не доби пенал и потоа го загуби мечот.

Италијанските медиуми го зедоа тоа за референца и сериозно „удрија“ по Ентони Тејлор. Иако Англичанецот е респектабилен судија, мора да се признае дека на „островот“ арбитражата е често во најмала рака чудна.

„Играта со рака беше толку очигледна што судиите во ВАР собата треба да се испратат дома поради грешката. Да не зборуваме за Тејлор кој е склон кон инциденти. Единствено нејасно беше дали Филкруг е во офсајд, во друг случај е недозволено. Пеналот кој Тејлор не ѝ го досуди на Рома во финалето на Лигата на Европа беше шокантен, но оваа грешка е уште полоша. Тејлор е срам за судиите. Евидентно е дека има проблеми со концентрацијата, што е неприфатливо за судија. Овие грешки ќе влезат во историјата на фудбалот“, изјави новинарот на „Скај Италија“, Маурицио Компањони.

На Твитер исто така има кампања против Тејлор, а сите посочуваат дека пред една година Жозе Мурињо бил во право за Ентони Тејлор. Да потсетиме, по тоа финале на Лигата на Европа португалскиот стратег го чекаше англискиот судија пред неговиот автобус за да ги расчистат сметките, а видеото стана хит на интернетот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани