Правилата на фудбалската игра често се менуваат, односно модифицираат, па од сезона во сезона јавноста не знае што е точно пенал, а што не. Играта со рака на Марк Кукуреља во финишот на четвртфиналното дерби меѓу Шпанија и Германија ја крена јавноста на нозе.
Многумина сметаат дека Германците се оштетени и „украдени“ за пенал. Веднаш по мечот се појави верзија на настаните според која наводно судијата Ентони Тејлор добил порака од ВАР собата дека Никлас Филкруг играл со рака во зачетокот на акцијата, меѓутоа тоа не е така. Објаснувањето е многу поедноставно, Тејлор само ги применил новите насоки и критериуми за судење.
Пред стартот на Европското првенство свое обраќање имаше шефот на Комитетот на судии при УЕФА, Роберто Росети и објаснуваше промено, меѓутоа јавноста не ја знаеше промената при судење на пенали. Ако играта со рака на Кукуреља пред неколку месеци без дилема беше пенал, сега УЕФА наложува нови правила, односно услови.
Клучни во овој момент се две работи: дали раката е во природна положба и дали таа не го чини телото поголемо. Иако пред одредено време одговорот за ова ќе беше дека е казнен удар, според новите правила на УЕФА кога раката е вертикално надолу, тоа се смета за природна положба.
Тоа беше пресудно во оваа ситуација и поради овие нови инструкции Ентони Тејлор не покажа на пенал точката.