Новиот формат на Европското првенство практично не им дозволува на фаворитите да испаднат уште во групната фаза. Фактот дека четири од шест третопласирани селекции одат понатаму е „тампон зона“ за гигантите кои не играат максимално во групите и темпираат форма.
Интересна беше битката за местата во осминафиналето преку табелата на третопласираните. Унгарците три дена останаа во Германија чекајќи добри вести, за на крајот да добијат „ладен туш“ по сензацијата на Грузија.
На крајот дури три селекции со по четири бода ги заземаа првите позиции на оваа табела, а тоа беа Холандија, Грузија и Словачка, додека со три бода мина само Словенија. Интересно е дека на пример Украина беше елиминирана со четири бода како последнопласирана во најизрамнетата група Е.
По разврската во групите се појави еден интересен факт. Имено, Италијанците во дербито на групата Б со гол во 98 минута извлекоа реми против Хрватска. Тој погодок на Матија Закањи не само што им пресуди на Хрватите и ги остави без шанси за осминафинале (со само два бода), туку се испостави дека е и спасоносен.
Доколку Италија не ремизираше со Хрватска, ќе имаше три бода и гол-разлика 2:3, а тоа ќе ги сместеше надвор од четирите „среќници“ и заедно со Унгарија ќе беше елиминирана.