Репрезентациите на Хрватска и Италија одиграа нерешени 1-1 во последното коло од групата Б на Европското првенство. Со овој резултат „Аѕурите“ го продолжуваат својот пат на турнирот, додека Хрватска има само теоретски шанси за осминафинале.
На прес-конференцијта по натпреварот италијанскиот новинар Франческо Репис прв зеде збор и изненади со своето обраќање до Лука Модриќ. Тој му се заблагодари за кариерата и побара од него никогаш да не се пензионира.
„Како италијански новинар сакам да ти се заблагодарам за сè што покажа, не само вечерва туку низ целата твоја кариера. Уште еднаш се одјави како фудбалер од топ класа. Постигна гол иако промаши пенал. Имам едно барање до тебе. Би сакал да те замолам никогаш да не се пензионираш од играњето фудбал. Ти си еден од најдобрите фудбалери кои јас сум ги гледал и коментирал, ти благодарам“, изјави италијанскиот новинар.
Модриќ беше трогнат од зборовите на Италијанецот и срдечно му се заблагодари.
„Благодарам на убавите зборови. И јас би сакал да продолжам да играм засекогаш, но сепак некогаш ќе дојде време кога ќе морам да ги закачам копачките. Ќе продолжам за играм засега, а не знам до кога ќе бидам во можност“, одговори Модриќ.
Хрватска има за што да жали бидејќи испушти победи против Албанија и Италија во судиското надополнување, а тоа ќе ги чини веројатно елиминација.