Фудбалерите на Турција ќе ја предизвикаат Португалија во второто коло на Европското првенство. Во првото коло избраниците на Винченцо Монтела се прикажаа во одлично светло против дебитантот Грузија, додека Португалците не беа многу конкретни во офанзивата и се измачија против Чесите. Пред дуелот попладнево најава даде италијанскиот стратег.
„Мора да се фокусираме на својот идентитет и сили. Мора да ги запреме нивните силни страни со тоа што ќе бидеме мирни и компактни. Нашите играчи се добри во транзиција, мора да ја држиме топката бидејќи Португалците се опасни во спротивно. Мора да бидеме силни во дефанзивата, нивниот напад е страшен. Само треба да одиграме како тим, не смееме да се залетаме и да бидеме еуфорични по стартната победа. Фановите можат да слават, а играчите мора да останат на земја. Потребно е да се фокусираме и да ја контролираме топката. Ако им оставиме простор, тие се многу опасни дури и преку дефанзивата“, изјави Монтела.
Натпреварот на „Сигнал Идуна Парк“ меѓу Турците и Португалците се игра во терминот од 18:00.