Младиот и перспективен голман на Милан, 18 годишниот Џанлуиџи Донарума се наоѓа во центарот на вниманието во фудбалска Европа откако се одолговлечија преговорите за продолжување на соработката.
Договорот на Донарума со Милан е до јуни 2018, талентираниот голман во неколку наврати нагласуваше дека сака да остане во клубот за кого навива од своето детство и дека желба му е да биде капитен на тимот.
Сепак, неговиот агент Мино Рајола има други планови и преферира Џиџо Донарума да не стави потпис на нов договор и да направи трансфер.
Контроверзниот агент често јавно говореше дека сака да ги види плановите на новите сопственици од Кина, бараше гаранции дека калчолигашот ќе се засили во претстојниот период и дека ќе се врати на славните патеки, во спротивно неговиот фудбалер ќе си замине.
Последните информации велат дека Џиџо Донарума ги прифатил советите на својот агент, и на своите блиски пријатели им се доверил дека ќе се пресели во Премиерлигата.
Таму пак, два клуба го чекаат расплетот на настаните околу суперталентираниот голман, тоа се Манчестер јунајтед и Манчестер Сити.
Тие наводно се подготвени да му понудат богат договор на Донарума, кој тешко се одбива, информациите велат дека станува збор за годишна плата од околу четири милиони евра.