Репрезентацијата на Хрватска ќе ѝ биде домаќин на Македонија на првиот пријателски меч во јунскиот прозорец. „Коцкестите“ се подготвуваат за настап на Европското првенство, а Македонија „ќе ја глуми“ Албанија во овој пријателски меч.
Селекторот Златко Далиќ за натпреварот против „рисовите“ нема да може да смета на четири ѕвезди во тимот. Капитенот Лука Модриќ доцни поради клупските обврски (викендов беше зафатен освојувајќи ја ЛШ), а доцнат Марио Пашалиќ и Марсело Брозовиќ. Покрај тоа, повреден е Никола Влашиќ за кој Далиќ кажа дека нема да ризикува.
Хрватите најавуваат дека за дуелот против Македонија селекторот ќе одбере тим кој никогаш не играл заедно, барем во тој лик и од првата минута.
Меѓу стативите сигурен е Доминик Ливаковиќ, бековското дуо ќе биде Борна Соса и Јосип Јурановиќ, додека стоперскиот тандем ќе бидат Мартин Ерлиќ и Домагој Вида. Во средината би требало да започнат Ловро Мајер и Матео Ковачиќ, лево ќе игра Иван Перишиќ, а десно Андреј Крамариќ. Зад напаѓачот Бруно Петковиќ ќе застане младиот Мартин Батурина.