Трка во обратна насока – Милан, Интер и Фиорентина се борат да ја избегнат Лига Европа?

by
2 минути читање

Во официјалните изјави сите се борат за излез на меѓународна сцена, но резултатите на теренот наведуваат дел од јавноста да размислува поинаку, дека големите италијански клубови се обидуваат да ја избегнат Лига Европа.

Дел од италијанските медиуми пишуваат дека Милан, Интер и Фиорентина ризикуваат да им се смее цела Европа со тоа што се обидуваат да избегнат повисок пласман на табелата.

Зошто го прават тоа? За разлика од Лигата на шампионите, во Лига Европа заработката е значително помала, а големите клубови до неа доаѓаат и на поинаков начин. Пример, на 24. јули во Кина, како дел од подготовките пред сезоната Милан и Интер ќе одиграат пријателски натпревар кој и на двете екипи ќе им донесе по 5 милиони евра. Но тоа е само основниот приход за одигрување на мечот, во него не се пресметани продадените дресови и разни други реквизите во текот на тие денови.

Резултатите во последните кола се тие кои даваат сомнеж дека Милан, Интер и Фиорентина се обидуваат на нечесен начин да ја избегнат Лига Европа.

Пример, Интер веќе седум кола по ред не знае за победа во Серија А, има пет порази и две нерешени средби. Милан во последните шест меча има победа само над Палермо. Фиорентина во последните пет средби има само една победа, загуби и од екипи како Палермо и Емполи.

Во моментов на позициите кои преку Серија А водат во Лига Европа се наоѓаат Лацио и Аталанта. Но Лацијалите во финалето од Купот играат против Јувентус, а тоа значи дека и шестото место од лигата ќе води во Европа. Најблиску до него е Милан кој има три бода повеќе од Фиорентина и Интер.

Можеби резултатите на трите екипи се само поради пад на формата, но тие даваат материјал да се зборува за нечесни игри кои доколку би се докажале би претставувале нов голем скандал на апенинскиот полуостров.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани