Шкупи го почнува дуелот со Балкани по кој може да испише фудбалска историја

by
1 минути читање

Во текот на ова лето Шкупи играше во квалификациите на сите европски натпреварувања, откако не успеа во Лигата на шампионите и Лига Европа, на ред е Конференциската лига.

Тука за противник ќе го има тимот на Балкани од Косово. Доколку Шкупи биде поуспешен во овој двобој, за првпат во својата историја ќе влезе во групи на едно европско натпреварување.

Единствен македонски клуб на кој досега тоа му успеало е Вардар кој играше во групната фаза од Лига Европа.

„Среќен сум што ги имаме сите играчи на располагање и што се подготвени. Немаме повредени и казнети, треба да одиграме трпеливо, паметно и најдобро што можеме. Мислам дека сме способни за такво нешто бидејќи ги гледам играчите деновиве. Балкани е квалитетен противник штом дошол до оваа фаза. Утре е првото полувреме, а се надевам дека моите играчи ќе го дадат максимумот и ќе ги исполнат задачите кои ќе бидат договорени“, вели тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.

Балкани претежно е составен од косовски фудбалери, имаат и по двајца играчи од Црна Гора и Албанија и еден Бразилец. Интересно, спортски директор е поранешниот играч на Работнички, Ндерим Неџипи, а асистент тренер е Артим Положани, поранешниот македонски репрезентативец.

Ова лето Шкупи и Балкани одиграа пријателски натпревар, косовскиот тим победи со 2-0.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×