Поразот на Манчестер Сити од Тотнем ја промени перцепцијата во трката по трофејот од Премиерлигата, Ливерпул е во победничка серија која го направи сериозен кандидат за трофејот.
Пеп Гвардиола цело време велеше дека трката не е готова и дека Ливерпул се уште има шанси, но тие негови зборови беа оценувани како лажна скромност, сега веќе не е така.
Манчестер Сити е прв со 63 бода, Ливерпул има шест помалку, но и еден натпревар помалку, во среда против Лидс.
Ливерпул го пречекува Лидс на Енфилд и доколку го добие тој заостанат меч, ќе дојде на -3 во однос на Манчестер Сити. До крајот на сезоната треба да гостува на Етихад, па може да се каже дека тимот на Клоп дојде до ситуација сам да решава за трофејот.
„Никогаш порано не сме биле во сите четири натпреварувања ова време. Ова е нешто неверојатно и навистина уживаме во тоа“, вели Клоп.
„Очекувам од момците да ме слушаат кога им велам дека следниот меч е апсолутно најважниот кој некогаш го играле“.