Предводникот на
Манчестер јунајтед, Ралф Рангник не е среќен за начинот на кој неговите
фудбалери ги користат социјалните мрежи, а јавноста остана зачудена по тоа што
го сторија Ентони Марсијал и Џеси Лингард.
„Подобро би било
сиве овие работи да останат зад затворени врати“ рече Рангник на
прескоференцијата во пресрет на вечерашното гостување кај Барнли.
„Никогаш ниту
комуницирам ниту пак ги читам објавите на социјалните мрежи, не постојам таму,
немам време за тоа, како и да е, секогаш е подобро да комуницирате директно со
фудбалерите“ додаде тој.
„Тоа го сторив со
Марсијал, но и со Лингард, но можеби јас сум од една поинаква генерација,
мојата генерација не израсна со овие работи, го помнам времето кога немавме
ниту мобилни телефони, ниту пак интернет, така, според мене подобра е
директната комуникација, точно знам во обата случаи што им кажав на
фудбалерите, повеќе нема потреба од дискусија“ заклучи Рангник.
Рангник тврдеше
дека Марсијал одбил да игра против Астон Вила, по што Французинот, кој инаку
веќе се пресели во Севиља, на социјалните мрежи просведочи дека довчерашниот
негов тренер лаже.
Со слични
обвинувања кон Рангник се огласи и Лингард на социјалните мрежи, откако Рангник
најпрво порача дека тој побарал слободни денови од клубот за да си го „разбистри“
умот откако клубот не му дозволи да си замине во јануарскиот преоден рок, за
што Лингард тврдеше нешто сосема спротивно од тоа, односно дека клубот бил тој
кој го советувал да одмори.