Манчестер
јунајтед одлучи да му врачи отказ на својот довчерашен тренер Оле Гунар Солшер,
нешто што се очекуваше веќе извесен период, а чашата се прели по убедливиот
пораз на „Црвените ѓаволи“ кај Ватфорд со 4-1 во Премиерлигата изминатиов
викенд.
Одлуката на
клубот од „Олд трафорд“ за отказ на норвешкиот фудбалски стратег беше донесена
во текот на вчерашниот ден, недела, кога беше објавено и соопштението за јавноста со што се потврди
дека Мајкл Керик ќе биде привремено решение за таа позиција.
„Дејли мејл“
објави што се случувало во финалните часови на Солшер како тренер на Манчестер
јунајтед по последниот судиски свиреж на пресметката со Ватфорд.
Солшер првично се
упати кон трибината каде беа сместени навивачите на Манчестер јунајтед, за да
се извини до нив поради лошите перформанси и резултатот од мечот, но Бруно Фернандеш
ги убедувал навивачите дека одговорноста треба да ја бараат во фудбалерите.
Потоа, неколку
фудбалери на „Црвените ѓаволи“ биле забележани со солзи во очите во соблекувалната
кога Солшер им посочил дека не е сигурен околу тоа дали ќе продолжи како тренер
на тимот.
Директорите на
Манчестер јунајтед закажаа серија итни средби, меѓутоа мака мачеле за конечната
одлука околу тоа дали на Солшер да му врачат отказ.
Одлуката за
отказот, Солшер ја дознал од страна на извршниот потпретседател на клубот, Ед
Вудворд, откако пристигнал во тренинг центарот во текот на вчерашниот ден.
Фудбалерите имале
собир утрото за предвидената тренинг сесија, каде Солшер ги информирал за
одлуката на клубот, а од „Олд Трафорд“ соопштението за отказот на Норвежанецот
го пуштија еден и пол час потоа.
Потоа, Солшер појадувал во тренинг центарот, по што се поздравил со стручниот штаб, а на излезот бил пречекан и од одредена бројка фанови на клубот со кои се фотографирал.