Следното лето завршува богатиот договор на Дембеле со Барселона кој на Камп Ноу дојде во 2017 за сума поголема од 100 милиони евра.
Оттогаш Французинот се мачи да ги освои фановите на Барса бидејќи никако не може да врзе континуитет на натпревари поради честите повреди.
Но, има само 24 години и работите може да се променат. Во тоа верува и Чави кој рече дека продолжувањето на договорот со Дембеле треба да биде еден од приоритетите на клубот.
„Дембеле мора да продолжи во Барселона, тоа е многу јасно за мене. Тој може да биде најдобриот фудбалер во светот на својата позиција како крило, а ние треба да му помогнеме за тоа да го постигне, тој е фудбалер кој може да направи разлика во Барселона, продолжувањето на неговиот договор е приоритет“, рече Чави.
Дембеле во моментов е надвор од теренот поради повреда, но би требало да се врати брзо по репрезентативната пауза.
Финансиската криза во Барселона го натера раководството на клубот да смисли креативна понуда за Дембеле.
Според весникот „Спорт“, Барселона ќе му понуди договор на Дембеле со значително помала плата од неговиот актуелен договор, но со повеќе бонус пакети кои ќе зависат од бројот на настапи.
Ако Дембеле игра повеќе, ќе може да стигне и до парите кои му се намалени во однос на актуелниот договор.
Пример еден пакет бонус ќе биде седум одиграни натпревари и кога Дембеле ќе одигра толку меча ќе ја добие бонус сумата.
Тоа ќе ја заштити Барселона од плаќање на голема плата на фудбалер што не игра, а тоа е главен проблем за финансиите во клубот.
Но во исто време ќе му даде повеќе можности на Дембеле да прави пари.
Многу клубови ваквите бонуси ги прават на вообичаен начин, пример играчот ќе го добие бонусот доколку одигра минмум 30 меча во текот на една сезона. Но една посериозна повреда може да значи дека фудбалерот ќе ја добие само основната плата.
Ваквиот бонус поделен на повеќе пакети, ја прави понудата атрактивна за Дембеле, но и ја штити Барселона од негово поголемо отсуство.
Но, не се исклучува можноста некој друг клуб да му понуди голема плата без бонуси врзани за бројот на настапи, па тој да сака да замине од Барселона.