„Ѓаволите“ изминатиoв викенд беа понижени на Олд Трафорд, го претрпеа највисокиот пораз на домашен терен против лутиот ривал Ливерпул, „црвените“ славеа со убедливи 0-5.
Веднаш почна да се пишува дека Оле Гунар Солшер ќе добие отказ, столчето на стратегот и онака се тресеше по серијата слаби резултати.
Но според новинарот Џонатан Вилсон, Норвежанецот не е единствениот виновник за кризата на Манчестер јунајтед.
„Никој не треба да мисли дека Солшер е единствениот проблем. Дека тој не е на исто ниво, или на приближно ниво со Клоп, Гвардиола или Тухел, тоа е очигледно, но нема помош од другите“ – вели Вилсон во својата колумна во весникот Гардијан.
„Минатата сезона, ќе играше повлечено против екипа како Ливерпул. Ќе имаше згуснат среден ред и ќе напаѓаше на контри. Но оваа сезона не можат да го прават тоа поради Кристијано Роналдо. Тој мора да игра само поради тоа што е Кристијано Роналдо. Речиси и да не помага во дефанзива само поради тоа што е Кристијано Роналдо. Не е доволно мобилен за Солшер да може да го употреби како што претходно ги употребуваше напаѓачите кога играа против противници од највиско ниво бидејќи има 36 години. Неговите голови, како оној против Аталанта минатата среда, можат да ви донесат резултат, но Роналдо е како убав тапет кој ги крие дупките во ѕидот и придонесува полека ѕидот да се сруши“.
„И повеќе не е само тактички проблем, туки и личен. Зборуваме за играч поради кој во последните три сезони без работа останаа Алегри, Сари и Пирло. Секој тим за кој тој настапува, неизбежно станува ФК Роналдо, и додека ова е добра работа за продавање дресови и зголемување на следбениците на социјалните мрежи, не можете да играте фудбал кој ви носи трофеи“.