Џеси Лингард го
одби новиот договор од Манчестер јунајтед, а како што пишува „Стандард“,
наводно 28 годишниот фудбалер донел таква одлука поради загриженоста околу
минутажата која ќе ја добива во клубот.
Лингард очајно
посакуваше да остане во редовите на „Црвените ѓаволи“ и да се бори за место во
тимот на Оле Гунар Солшер оваа сезона, меѓутоа и повеќе од сигурно е дека
враќањето на Кристијано Роналдо на „Олд Трафорд“ во целост му ги измени
плановите.
Фудбалерот од
средниот ред во летниот преоден рок ја одби можноста да продолжи со Вест Хем
каде имаше фантастични перформанси изминатата полусезона, а секако имаше и
гаранции за место во почетниот состав на Дејвид Мојс.
Лингард е веќе во
финалната година од својот договор со Манчестер јунајтед по кој неделно има
плата во висина од 100 илјади фунти, а офанзивецот по три кола во новата сезона
од Премиерлигата се уште нема запишано настап зад своето име.
Дополнително,
проблем за Лингард е секако фактот што Вест Хем веќе го доведе Никола Влашиќ од
ЦСКА Москва за близу 35 милиони фунти во последниот ден од летниот преоден рок,
со што во целост го реши прашањето за позициите во средниот ред, а Хрватот го
доби и дресот со број „11“ кој го носеше токму Лингард, кој со 9 погодоци и 4
асистенции беше вистински лидер на теренот за „Чеканите“ во само една полусезона.