Лука Модриќ и
Марио Манџукиќ заедно беа дел од хрватскиот национален состав долги години, меѓутоа
нивниот однос не „цветаше“, а така е од пред неколку години кога дојде до „судир“
помеѓу тој двоец.
Во својата
автобиографија, насловена „Мојата игра“, Модриќ објасни што се случило помеѓу
нив двајца, односно што предизвика за да се нарушат нивните односи.
„Марио е посебен
човек, тој некогаш е среќен, а некогаш во лошо расположение, оние кои не го
познаваат лично би помислиле дека постојано е нерасположен“ пишува Модриќ.
„Постојано го
знаев како одличен човек, со големо срце, беше љубезен со мене од првиот ден,
иако ми беше потребен долг период за да разберам каков е, поминавме долг период
заедно во националниот тим“ додава тој,
а потоа објасни како работите тргнале на лошо во нивните односи пред почетокот
на еден натпревар за „Коцкестите“.
„На едно
гостување во Исланд, ние требаше да ги одмериме силите во плејоф за Светското
првенство во Бразил, јас дотрчав до него пред самиот лифт од хотелот, му реков
дека денеска треба да бидеме силни на теренот, а тоа го сторив како и пред
секој тренинг или натпревар, меѓутоа, тој ме изненади во целост со неговата
реакција, ‘гледај си за себе,
оставиме мене на мира’ беше
неговиот коментар кон мене, јас не можев да си ја објаснам таа реакција, за
момент исчезна енергијата, дотогаш бевме во постојан контакт, а од тогаш
настана молк, односот се промени“ подвлече Модриќ.