Наместо да заработи огромна сума на пари и да го продаде Килијан Мбапе, ПСЖ одлучи да го одбие Реал Мадрид. Одлуката е чудна затоа што се работи за невидена мега понуда за играч на кој договорот му истекува следното лето.
Но зошто ПСЖ го направи тоа? Според дел од шпанските и француските медиуми, претседателот на клубот, Насер Ал Келаифи се уште се надева дека ќе го убеди Мбапе да потпише нов договор.
Тој е уверен дека на Мбапе ќе му се допадне играта со Меси, ќе се предомисли и ќе стави потпис на нов договор.
Ал Калаифи верува дека триото Нејмар, Меси и Мбапе оваа сезона ќе ја покори Европа, Французинот ќе види дека се наоѓа во најдобриот тим и ќе сака приказната да потрае повеќе од една сезона.
Богатиот шеик не е навикнат да го одбиваат, негативниот одговор од Мбапе е најголемиот удар за неговото его досега.
Но, Мбапе е во години кога не треба да игра во лига како француската. Тој е свесен дека за да биде најдобар мора да игра во вистнско фудбалско првенство какви што се Ла Лига, Премиерлигата или Серија А.
Францускиот фудбалер знае дека дресот на Реал Мадрид тежи многу повеќе од парите во ПСЖ, па нема намера да ја прифати било која понуда од неговиот сегашен газда, целта му е јасна, да го оствари својот сон и да се пресели на Сантијаго Бернабеу.
Минимални, речиси никакви се шансите Мбапе да се предомисли, да се заљуби во играта на Меси и да го продолжи договорот со ПСЖ. Она што е многу веројатно е дека по крајот на сезоната тој како слободен играч ќе се пресели во Реал Мадрид.