Португалскиот
фудбалски стратег Жозе Мурињо го доби засилувањето кое најмногу го посакуваше
во летниот преоден рок откако во Рома пристигна напаѓачот Тами Абрахам кој го
загуби првотимскиот статус во Челси.
„Преферирам да
речам чекајте да го видите Тами, тоа го велам со полна самодоверба во себе, го
знам како дете, тој никогаш не играше за мене, бидејќи имаше 14, 15, 16 години
кога бев во Челси, меѓутоа добро го познавам“ рече Мурињо.
„Го знам како
фудбалер, но и како личност во однос на неговиот карактер, секогаш е тешко за
еден англиски фудбалер да ја напушти својата земја, особено Премиерлигата, а
тоа доволно говори за него, доколку ја напуштите Премиерлигата, тоа значи дека
сте амбициозен“ додаде предводникот на „Римската волчица“.
„Ние го немаме
искуството кое би можеле да го видите во Јувентус со Кристијано Роналдо, или
Милан со Оливие Жиру, но во однос на потенцијалот во нашиот тим, не би можел да
бидам посреќен од фудбалерите кои ми се на располагање“ заклучи Мурињо.
Мурињо на клупата
на Рома во првото коло од новата сезона во Серија А ќе дебитира во недела во
мечот на домашен терен против Фиорентина предвиден за вечерниот термин од 20,45
часот.