Арсенал новата сезона ја почна со пораз кај новиот Премиерлигаш, Брентфорд. Не само што загуби, тимот на Артета изгледаше бледо, недоволно добро за да се надигрува дури и со противник кој по 74 години првпат игра во најсилната лига на Англија.
„Разочаран сум. Ова не е начинот на кој сакавме да ја почнеме сезоната. Не стартувавме добро, примивме гол. Не се справувавме добро со вторите топки и долгите топки. На нив тоа им беше доволно да ни креираат проблеми. Потоа примивме уште еден“, вели Артета.
„Најмногу загрижува како ние се заканувавме пред нивниот гол. Многупати бевме околу нивниот шеснаесетник и влегувавме во одлични ситуации, но тоа не беше доволно ниту да создадеме добра шанса, ниту да шутнеме на голот. Доколку не го правите тоа, не можете да победите во Премиерлигата“.
„Не сакам изговори, ни недостасуваа фудбалери, но не сакам да се кријам позади тоа“.
„Не бевме доволно добри за да победиме. Не ги правевме основните работи. Почнавме разочарувачки, но ќе направиме анализа, ќе зборуваме со ладни глави и ќе пробаме да бидеме на вистинскиот пат колку што е можно побрзо“.