Маурисио Покетино сега има тим каков што нема ниту еден друг тренер, раководството на ПСЖ во овој преоден рок со донесените нови засилувања создаде безобразно силен состав.
Меси, Рамос, Донарума, Хакими, Вајналдум… се имињата на новите засилувања на ПСЖ каде што веќе имаше ѕвезди како Нејмар, Мбапе, Ди Марија, Икарди, Верати…
Покетино во Тотнем се етаблираше како тренер кој знае да развие тим, но не освои ниту еден трофеј. Во ПСЖ освои француски куп, но беше поразен во Лига 1, беше елиминиран од Лигата на шампионите, го загуби францускиот Суперкуп.
Па се поставува прашањето дали Покетино без искуство на освојување големи трофеи ќе успее да се справи со големото его на ѕвездите во соблекувалната на ПСЖ.
Аргентинецот има широк состав, големи играчи, многумина од нив ќе бидат несреќни ако бидат изоставени од тимот, а тоа може да му предизвика проблеми на Покетино.
Целта на овој состав на ПСЖ е тотална доминација, сите титули во Франција нема да бидат доволни ако не се освои Лигата на шампионите, а тоа значи сериозен притисок врз плеќите на тренерот.
Речиси идеалниот состав на ПСЖ на хартија може да биде предност за Покетино, но може да биде и притисок во кој ќе изгори.
Од неговиот авторитет во соблекувалната ќе зависи и играта на теренот на ѕвездениот тим на ПСЖ.
Едно е сигурно, Покетино ќе добие отказ ако ПСЖ не ја освои Лигата на шампионите, киксовите кои ги направи минатата сезона со овој тим нема да му бидат простени. Аргентинецот нема право на грешки.