Бензема, Варан, Модриќ, Крос, Алаба и Бејл оваа недела се враќаат во Реал Мадрид, а Куртоа и Азар кои играа во четвртфиналето ќе се приклучат неколку дена подоцна.
Ова се очекува да бидат и одлучувачки денови за иднината на Рафаел Варан. Тој има уште една година од договорот со Реал Мадрид, но одбива да потпише нов. Се шпекулира дека Манчестер јунајтед е подготовен да понуди 50 милиони евра за неговите услуги.
Реал Мадрид сака да игра тврдо, па се обидува да изнуди што е можно повисока понуда за Варан кој на Бернабеу пристигна во 2011 година за 10 милиони евра.
Се верува дека брзо по враќањето ќе се знае дали Варан ќе се пресели во Манчестер јунајтед или ќе остане во Реал Мадрид.
Во фокусот е и Герет Бејл кој нема да се врати во Тотнем, ќе остане во Реал Мадрид каде сака да работи со Карло Анчелоти.
Но Велшанецот беше проблематичен во изминатиот период и во Реал и во Тотнем, па останува енигма каква сезона ќе има, дали позитивниот ентузијазам ќе го држи цела сезона или ќе успее да се скара и со Анчелоти како што тоа беше случај со Зидан и Мурињо.
Неизвесна е и иднината на Азар кој имаше две разочарувачки сезони во Реал Мадрид откако пристигна од Челси.