Кевин Де Брајне во моментов важи за еден од најдобрите фудбалери, главен
играч на Манчестер Сити и Белгија. Тој пред неколку години раскажа како еден
разговор со Жозе Мурињо му ја променил кариерата.
Во сезоната 2013/14, тој се обидел да се наметне кај „специјалниот“ во
Челси но ја греел клупата, и по еден состанокот со Португалецот му станало јасно дека мора да ја промени средината.
„Во декември месец ми се јави Жозе, и ме повика во неговата канцеларија.
Ова веројатно беше вториот момент кој ми го промени животот. Имаше некои
листови пред него и ми рече, „Една асистанција, нула погодоци. Десет освоено
топки“. Ми требаше некоја минута за да разберам што прави. Потоа почна да ми ја
чита статистиката на другите офанзивни играчи: Вилијан, Оскар, Мата и Ширле“ – изјави
фудбалерот од Белгија.
„И почна да ми кажува, овој има пет гола, 10 асистенции итн. Жозе чекаше да
му кажам нешто и на крајот му одговорив, „Но… дел од овие момци имаат настап
на 15, 20 натпревари. Јас имам само три одиграни меча“. Потоа разговаравме за
можноста одново да заминам на позајмица. Мата исто така не добиваше минутажа во
тој период и Жозе ми рече, „Знаеш, ако Мата замине, тогаш ќе бидеш мојот петти
избор наместо шести“. Па искрено му одговорив, „Чувствувам дека клубот не ме
сака. Имам желба да играм фудбал, па подобро продадете ме!“. Мислам дека Жозе
беше малку разочаран, но мислам дека и нему му беше јасно дека јас морав да
играм. Па Челси ме продаде и тоа беше добра зделка за двете страни. Челси доби
двојно повеќе од она што го плати за мене, а јас добив шанса да блеснам во
Волфзбург“.
Во разговор со ТокСпорт, Жозе Мурињо сега ја раскажа својата страна на
приказната.
„Кевин е извонреден фудбалер, во моментов еден од најдобрите во светот,
нема сомнеж. Мојата приказна со него е прилично интересна. Бевме на турнеја во
Азија (на подготовки за новата сезона), Кевин требаше да дојде со нас и потоа
да замине на позајмица но јас бев толку мноту импресиониран што донесов одлука
и реков, „Не сакам детево да оди на позајмица, сакам да остане“. Беше стартер
на првиот натпревар од сезоната против Хал, а на вториот натпревар гостувавме
на Олд Трафод (Де Брајне не играше). Потоа тој дојде и ми рече, „Сакам да играм
на секој натпревар, сакам да ја одиграм секоја минута“. Детето што требаше да
замине на позајмица го крена гласот, не сака да остане и да порасне тука“ –
вели Жозе Мурињо.
„Изврши голем притисок, сакаше да си оди, сакаше преселба во Германија каде
претходната сезона имаше успешна позајмица. Изврши голем притисок и Челси го
продаде“.
„Кога сте тренер, се случува да погрешите, но јас не погрешив во оваа
ситуација. Сакав да остане, видов квалитет во него. Можеби немаше искуство и зрелост,
но знаеше да игра со топката и имаше одлична визија“.
„Но тој сакаше минутажа и тоа не можеше да го добие во Челси таа сезона,
имавме многу добри играчи во тимот, Де Брајне едноставно немаше трпение. Не
беше подготвен да чека, имаше сезона во Германија каде играше на секој
натпревар и сакаше да оди таму“.