Македонија со пораз го почна настапот на своето прво Европско првенство во историјата. Австрија уште еднаш покажа дека е подобра селекција од нашата и заслужено го доби овој за нас историски меч.
Не ни оди против Австрија, ова е трет пораз за кратко време на Македонија против оваа селекција.
Натпреварот почна израмнето, но како одминуваше времето Австрија ја превземаше иницијативата и притискаше, таквата нивна игра вроди со плод во 18. минута кога по центаршут на Сабицер, Лаинер постигна гол за водство од 1-0.
Но радоста на Австријците траеше десет минути, тогаш по нивна катастрофална грешка во одбраната, Горан Пандев постигна гол за израмнување на 1-1. Овој гол на нашиот капитен е историски, прв за Македонија на Европските првенства.
До крајот на првото полувреме немаше шанси и на двете страни, на одморот се отиде со нерешен резултат.
Во второто полувреме Македонија тргна поофанзивно, поослободено од притисокот кој го носеше дебито на Европските првенства.
Првата голема шанса ја имавме ние, во 63. минута Бобан Николов прими одличен пас од Барди, но не успеа да ја искористи шансата.
Во следната минута Австријците можеа да казнат, Гргорич биеше со глава, но Столе Димитриевски маестрално интервенираше и го спаси нашиот гол.
Сепак тоа не успеа да го направи и во 78. минута кога Грегорич беше побрз од Димитриевски и погоди за водство на Австрија од 2-1.
Во завршницата од мечот се обидувавме да дојдеме до израмнување, но отворената игра не чинеше уште еден примен гол. Во 90. минута Марко Арнаутовиќ постигна гол за конечни 3-1 за Австрија.
Тргнавме со пораз, а шанса за поправен ќе имаме веќе во четврток кога играме против селекцијата на Украина.