Македонија во голем стил оди на ЕП, убедлива победа над Казахстан, деби голови за Милан Ристовски и Чурлинов (ВИДЕО)

by
1 минути читање

Селекторот Ангеловски и на денешниот меч против Казахстан извади силен состав, иако одмори неколку играчи. За разлика од мечот против Словенија, сега на клупата останаа Бејтулаи, Велковски, Адеми, Трајковски, во првиот состав се најдоа Ристевски, Спировски, Костадионов и Тричковски.

Мечот почна со притиисок на нашата репрезентација, но на првата посериозна шанса почекавме до 23. минута кога Тихомир Костадионов шутираше од далечина, но неговиот удар кој одеше под пречката го одбрани голманот Покатилов. По изведениот корнер од истата акција, Тричковски биеше со глава но неговиот удар беше исфрлен од гол линијата.

Резултатот беше отворен во 35. минута кога Алиоски реализираше од белата точка за водство на Македонија од 1-0. Пеналот беше досуден поради фаул врз Елиф Елмас.

Пред самиот крај на првото полувреме Казахстан остана со фудбалер помалку откако Мужиков доби директен црвен картон по старт со отворен ѓон врз Кире Ристески.

Во 57. минута убаво додавање од Пандев до Костадинов кој асиситираше до Тричковски а тој постигна гол за водство на Македонија од 2-0.

По предноста од 2-0 Ангеловски направи неколку замени, а мотивираните нововлезени фудбалери продолжија да ја тресат мрежата на Казахстан.

Во 74. минута по центашут на Трајковски, Милан Ристовски постигна гол со глава за 3-0. Тоа беше негов деби гол во деби мечот за сениорската репрезентација на Македонија.

Во следната минута уште еден гол за Македонија, Трајковски повторно ја имаше улогата на асистент, а Чурлинов погоди за убедливиа предност од 4-0. Ова беше деби гол за Чурлинов.

До крајот на мечот Македонија имаше уште неколку добри шанси за гол, но не успеавме и по петти пат да ја затресеме мрежата на Казахстан.

Следниот натпревар на нашата репрезентација е мечот против Австрија на Европското првенство на 13. јуни.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×