Виљареал славеше
во големото финале од Лига Европа откако на пенали беше подобар од Манчестер
јунајтед, а претходно резултатот гласеше 1-1, па откако немаше победник ниту во
продолженијата, победникот се решаваше во пенал серијата.
Во тој дел од
мечот шпанскиот прволигаш славеше со 11-10 во една крајно прецизна серија на
обете страни, а трагичар беше голманот на Премиерлигашот, Давид Де Хеа, чиј
обид беше одбранет во финалната серија.
За проблемите на
Шпанецот да бидат поголеми, новинарот на „Скај Спортс“, Ангело Мангианте ги
објави инструкциите кои Де Хеа ги добил за пенал серијата, каде јасно биле
наведени детали за противникот во тоа поле од нивната игра.

Како за пример јасно
се наведува обидот на Гомез во шестата серија, за кого било подвлечено дека во ударите од белата
точка се обидува да погоди по средината од голот, што воедно и се случи,
меѓутоа Де Хеа реагираше на левата страна, што беше погрешна проценка од негова
страна.
Доколку Шпанецот
реагираше според добиените инструкции и останеше во средината од голот, тоа би
значело победа за Манчестер јунајтед ако се земе во предвид дека Фред подоцна
беше успешен реализатор.
Де Хеа ги
игнорираше и инструкциите за пеналот на Кокелин, меѓутоа дури и да реагираше
според тоа, тешко дека ќе успееше во намерата да го сопре обидот на поранешниот
член на Арсенал кој биеше доста храбро.
Кога веќе се
играше на нерви, а прашање беше кој ќе биде победник во таа „психолошка војна“
по неверојатната серија на обете страни, Де Хеа по трет пат ги игнорираше
инструкциите, овој пат во обидот на Пау Торес, меѓутоа во оваа ситуација малку
недостасуваше Шпанецот да биде успешен.
Што се однесува
пак до директниот дуел со неговиот колега од спротивната страна, Де Хеа немаше
добиено инструкции за Руљи, па така остана неуспешен на ова поле на последните 36
пенали со кои се има соочено.
Инаку, шпанскиот
чувар на мрежата од голот на „Црвените ѓаволи“ нема одбрането удар од белата
точка од 2016 година, тој беше совладан дури и од противничкиот голман синоќа.