Со новото раководство Шкупи прерасна во стабилен клуб, но за сопственикот Олгун Ајдин второто место не е доволно, сака тие да бидат шампиони на Македонија и подолго да престојуваат во Европа.
„Нашите амбиции се големи, сакаме Шкупи не само да биде на врвот во Македонија, туку и еден од најдобрите клубови во регионот. Во изминатиот период инвестиравме, создадовме квалитетен тим и продолжуваме да го надградуваме. Со тренерот Гоце Седлоски имаме одлична соработка и се надеваме дека таа ќе трае долго, што би значело дека ќе имаме добри резултати“, вели сопственикот на Шкупи, Олгун Ајдин.
„Сакаме да воспоставиме европски принципи на работа во клубот, не ми е јасно како ниту еден клуб во Македонија нема прес конференции пред натпреварите и по нивното завршување. Ние како клуб планираме да воведеме таква практика, на нашиот стадион ќе има посебно место за прес-конференции кои ќе се одржуваат по секокој натпревар“.
„Во Македонија луѓето не размислуваат за големи работи, пример Елмас за ситни пари замина во Фенерабахче, а од таму за 20 милиони беше продаден во Наполи, зошто такви суми да нема во македонскиот фудбал, па да не одиме далеку погледнете како е во Хрватска и Србија. Треба сите како фудбалска заедница да си помагаме и да достигнеме поголеми стандарди“.
Еден од главните проекти на Шкупи е создавање на Академија за млади фудбалери.
„Академијата за млади фудбалери ќе биде капитална инвестиција, која ќе помогне во препознавање, развој и формирање на идните млади фудбалери. Почетокот на проектот ќе биде наскоро така што новите генерации фудбалери на ФК Шкупи ќе имаат најдобри услови за учење, тренинг и напредување. Веруваме дека овој проект ќе го подигне фудбалот на највисоко ниво во нашата земја, што ќе биде една од најголемите инвестиции во нашите фудбалски академии”, вели Ајдин.
Шкупи е активен и на трансфер пазарот, во изминатите два дена беа потврдени трансферите на Блертон Шеји од Струга ТЛ и Томе Китановски од Ѓорче Петров. А се најавуваат уште нови засилувања.
Сопственикот на Шкупи изрази жалење што клуб како Вардар испадна во втората лига, тој смета дека доколку фудбалот во Македонија е на едно нормално ниво, такви работи нема да се случуваат.