Хари Кејн: Не знам што ќе одлучи Леви, но за година-две нема да вредам 100 милиони

by
2 минути читање

На почетокот од оваа недела, медиумите од Англија објавија дека Хари Кејн сака да замине од Тотнем и веќе го известил клубот. Напаѓачот сега на оваа тема разговараше со Гери Невил и му призна дека се наоаѓа на раскрсница во кариерата.

„Ќе мора да разговараме со клубот. Сакам да играм на најголемите натпревари, да бидам дел од најголемите моменти. Сигурен сум дека Даниел Леви ќе ми го каже планот и како тој гледа на работите, но јас ќе бидам тој кој ќе одлучи, што е најдобро за мене и мојата кариера“ – вели Англичанецот.

Даниел Леви важи за најтешкиот преговарач во светот на фудбалот, па Невил го праша Кејн што очекува од разговорите.

„Да бидам искрен, тој секогаш се однесувал добро кон мене. Секогаш ме наградувал со договори и бил фер. Имаме добар однос но не знам каков ќе биде разговорот. Можеби ќе сака да ме продаде дококу мисли дека може да добие 100 милиони фунти. Нема да вредам толку за година-две. На клубот му посветив 16 години од мојот живот и се надевам дека ќе имаме искрен разговор“.

Се верува дека Хари Кејн сака да замине бидејќи Тотнем не може да атакува на титули, па беше запрашан што повеќе преферира, да биде запаметен како играч кој целата кариера ја поминал во еден клуб, или пак да може да се пофали со многу трофеи.

„Не сакам да се каам за некои работи кога ќе ја завршам кариерата. Никогаш не сум кажал дека ќе останам во Тотнем до крајот на кариерата и никогаш не сум кажал дека ќе заминам од клубот. Луѓето можеби мислат дека сум очаен за трофеи, но имам уште седум-осум години пред мене. Не се брзам, не сум очаен, едноставно сакам да бидам најдобар колку што можам. Чувствувам дека можам да понудам уште многу, не се плашам да кажам дека сакам да бидам најдобар. Не се плашам да кажам дека сакам да бидам на нивото на Роналдо или Меси. Тоа е мојата цел, секоја сезона да освојувам трофеи и да постигнувам 50, 60 или 70 голови. Тоа е стандардот кој сакам да си го поставам“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×