Шефот на
стручниот штаб на Арсенал, и поранешен фудбалер на тој клуб, Микел Артета јавно
порача дека навивачите ја испратиле најсилната порака во фудбалот досега, со
тоа што бурно реагираа против формирањето на Европската Супер Лига.
„Јас мислам дека
сево ова ни донесе големи лекции и ни го докажа значењето на фудбалот во
светот, сево ова ни ја покажа душата на овој спорт, душата која им припаѓа на
навивачите, тоа е клучното“ рече Артета.
„Во текот на оваа
пандемија, која трае веќе повеќе од една година, ние постојано се обидуваме да
ја одржиме оваа фудбалска индустрија без присуство на навивачи на стадионите“
додаде шпанскиот фудбалски стратег.
„Меѓутоа, кога
навивачите имаат потреба да излезат и да зборуваат, тие го прават тоа гласно и
сосема јасно за сите, а тие веројатно ја испратија најмоќната порака која
досега била испратена во светот на фудбалот“ подвлече Артета.
Навивачите на
Челси отидоа дотаму што дури излегоа и на протест, па блокиран беше приодот на
„Стемфорд Бриџ“ арената, што донесе одлагање на мечот помеѓу Челси и Брајтон за
15 минути, а доста тензична беше атмосферата, а не мируваа ниту навивачите на
Арсенал кои исто излегоа да протестираат, по што следеше колапс на Суперлигата
и повлекување прво на Премиерлигашите, а Арсенал им се извини на навивачите со
клучните зборови „Ве слушнавме“.