Доста превирања
имаше во европскиот фудбал изминатите неколку денови откако во неделата 12
клубови потврдија учество во т.н. Европска Супер Лига, што ги налути челниците
на УЕФА и ФИФА, меѓутоа и поголемиот дел од љубителите на фудбалот, а особено
реакциите во Англија беа бурни.
По жестоките
реакции од јавноста, Суперлигата се суспендираше уште незапочната, а по сите
случувања се постави и прашањето околу тоа дали воопшто би се играло
полуфиналето во Лигата на шампионите помеѓу Реал Мадрид и Челси, и двата клуба
беа дел од т.н. Суперлига, на што одговор даде првиот човек на УЕФА, Александер
Чеферин.
„Клучниот момент
е фактот што сезоната е во тек веќе, почната е, така радиодифузерите веднаш би
дошле кај нас за штетата која ќе биде направена доколку ние не ги одиграме
полуфиналните натпревари“ изјави Словенецот.
„Така, постојат
мали шанси да тој натпревар не биде одигран идната седмица, но, работите би
можеле да бидат помалку различни во иднина“ додаде тој во изјавата за
словенската телевизија „24УР“
Меѓу другото,
Чеферин беше запрашан и за коментарите на првиот човек на Реал Мадрид,
Флорентино Перез кој посочи дека никогаш не посакува УЕФА да има таков
претседател како Словенецот.
„Тоа е
дополнителен поттик за мене да останам, тој сака претседател кој постојано ќе
се согласува со неговите идеи и заложби, кој воедно би му бил негов послушник,
кој би правел тоа што тој посакува да се прави, јас го правам тоа што е добро
за Европскиот и светскиот фудбал“ нагласи Чеферин.