Ливерпул го
загуби првиот меч против Реал Мадрид на гостински терен со 3-1 во
четвртфиналето од Лигата на шампионите, а Салах се погрижи Премиерлигашот да ги
одржи шансите за прогрес со тоа што постигна гостински гол.
Шефот на
стручниот штаб на Ливерпул, Јирген Клоп видно незадоволен од делењето на
правдата синоќа го впери прстот кон судијата Феликс Брих, а по мечот камерите
ги уловија обајцата во еден разговор во кој германскиот фудбалски стратег јасно
му посочи дека тоа што го сторил не било коректно.
Клоп особено е
револтиран поради за него очигледниот прекршок врз Мане неколку секунди пред
голот на Асенсио за предност од 2-0 на „Кралевите“.
„Ситуацијата со Мане… морам да кажам дека не го разбирам тоа што го стори судијата вечерва, за мене, тоа беше нешто лично“ рече Клоп на пресконференцијата по мечот.
„Ова не е фер, а некоректноста е нешто најлошо што можеш да му го кажеш на еден судија“ му рече Клоп на Брих за време на нивната конверзација на теренот по самиот крај на мечот, по што овој му возврати дека и тоа што го правел тој во моментот било некоректно исто така.